Како до нови приjателства?

,,Секој нов пријател е нова авантура...почеток на создавање нови спомени

Патрик Линдзи

Пријателите играат важна улога во животот на човекот, но процесот на создавање нови пријателства понекогаш може да биде прилично тежок. Срамежливоста, социјалната анксиозност се дел од причините кои понекогаш нѐ спречуваат да го направиме првиот чекор во запознавање со нови луѓе и стекнување нови пријатели. Некои промени како префрлање во ново училиште или пак преселба во ново соседство од прв поглед личат како да ќе ни го уништат социјалниот живот, но всушност ова е можност да стекнеме нови пријателства. Стартите секогаш можеме да ги оддржуваме! Иако целиот тој процес на формирање нови пријателства звучи многу поедноставно кажан отколку изведен во реалноста, сепак, ви нудиме 5 ефективни начини како можете да стекнете нови пријатели:

1. Следете ги сопствените интереси

Ова е одличен начин за наоѓање други луѓе со интереси слични на вашите. Не само што ќе ја развиете својата вештина, преку активностите ќе запознаете и многу нови луѓе меѓу кои можеби се крие и вашиот нов најдобар другар. Доколку се интересирате за наука или уметност, приклучете се во некој училишен клуб. Ако пак умеете да свирите на некој музички инструмент или да пеете, секогаш опција е приклучувањето во некој локален/училишен бенд или хор. Ако сте религиозни, верските објекти се добро место за среќавање на луѓе кои би споделувале исти верувања и интереси со вас. Спортските клубови се одлична опција за спортистите, но и за оние кои сакаат да пробаат нешто ново и предизвикувачки. Сепак, за да се зближите со некој, не секогаш мора да значи дека треба да споделувате заеднички интереси. Понекогаш најдобрите пријателства се раѓаат токму помеѓу поларните спротивности.

2. Зближете се со познаниците или пак со приjателите на вашите приjатели

Преку зближување со луѓе што веќе ги познавате или со пријатели на ваши добри пријатели, може несвесно да создадете животни пријателства. За таа цел, поканете на излегување некој од вашите познаници, колеги или соученици, разговарајте за вашите интереси и мислења и обидете се подобро да ги запознаете. Можеби баш во соученикот од третата клупа е вашиот иден партнер за создавање спомени и нови авантури.

3. Волонтираjте

Станете дел од некоја невладина организација и волонтирајте! Волонтерството овозможува стекнување нови знаења, искуства, и на тој начин му пружате помош на општеството, но паралелно го ширите и сопствениот круг на познанства и запознавате потенцијални идни добри другари.

4. Користете ги и социjалните мрежи

Денес, кога веќе постојано ни се достапни секакви видови технологија и социјалните мрежи, можеме да ги искористиме истите со цел проширување на нашиот социјален круг. Еден начин е да се поврзете преку истите со познаници на вашите пријатели, коишто живеат во вашето ново соседство или пак веќе учат во вашето ново училиште. Така можете да налетате на почеток на ново добро пријателство, тогаш кога најмалку очекувате.

5. Искористуваjте ги шансите - кажете ДА

Секогаш кога имате прилика и можете, не одбивајте понуди. Одете на забавата на која сте поканети. Прифатете ја поканата за шолја кафе од девојчето од вашиот театарски клуб. Гледајте го спортскиот натпревар заедно со соученикот кој ве покани. Нека зборот „да” ви стане почеста навика која ќе ве става во прилики за создавање на нови добри пријателства.

За крај, бидете трпеливи! Стекнувањето на нечија доверба не е едноставен процес, и формирањето нови другарства не се случува преку ноќ. Секогаш бидете дружељубиви, позитивни, лојални и искрени, и не плашете се да го направите првиот чекор!

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

© 2019 Copyrights by SpeakOut. All rights reserved.