Коj го програмира нашето секojдневие?

Една од поголемите дилеми во развојот на човештвото е местото на припадност. Не биди премногу различен, ниту многу сличен. Иста, но сепак различна. Непишани кодови според кои се програмирани секојдневните навики кај луѓето. Зошто применуваме одредени гестови и кој стои зад одлуките кои ги правиме во текот на нашиот живот?

Ничие мислење не е сопствено,туку мешавина од безброј туѓи идеи и сугестии. Општеството во кое се наоѓаме има исто толку голема улога во креирањето на личноста колку и самата таа. Честопати луѓето и нивните емоции се причина за начинот на кој се соочуваме со личните проблеми.  Доказ дека општеството влијае врз индивидуалниот развој кај помладите генерации се нациите распространети ширум светот.

Потребата за припадност е фактор за понатамошниот развиток кој започнува уште од најраната возраст. Домашното воспитување воспоставува врска со личните идеали и цели, но доколку не сме целосно прифатени од околната средина почетните желби ги изменуваме само малку за да се вклопиме во бараната форма. Понекогаш мали промени драстично се одразуваат во идното однесување.

Нееднаквоста при оценувањето започнува во основните училишта и се провлекува до највисокиот степен на образование-факултетот. Политичката пристрасност е јасно видлива помеѓу професори и соученици, па тоа предизвикува најчесто фрустрација и учениците гледаат две опции, излез од сопствената земја или земање учество при неморално однесување кое очигледно се наградува. Непочитувањето на правните норми вообичаено поминува неказнето, тоа повторно е правец на живеење кој земјата го толерира и го посочува. Со тоа некои манири почнуваат да се губат несвесно, додека ги заменуваме со нечии нови навики.

Многу често оние со незавидна материјална состојба ги прозиваат оние другите, иако овие не ја потенцираат својата удобност. Како резултат на тоа однесување, тие личности полека чувствуваат срам од своите придобивки и потсвесно прифаќаат нов начин на живеење, пак ист како оној кој го забавува напредокот на државата.

Кога би земале пауза од обврските, ќе согледаме дека голем дел од нив ги правиме како услуга или почит кон некој друг. Сепак тешко е да го признаеме надворешниот свет како голем фактор и дел од самите нас. Никогаш нема да го откриеме програмерот позади сопствените алгоритми, бидејќи тие се менуваат не знаејќи го крајниот резултат.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

© 2019 Copyrights by SpeakOut. All rights reserved.