Препораки за филм од матеа атанасовска

Започнуваме вистински да уживаме во филмовите во моментот кога ќе сфатиме дека тие се многу повеќе од исполнето време и уживање во досада. Тие претставуваат емоции кои имаат слика, визуелна поезија. Наши неискажани реченици и (не) почувствувани приказни. Конекција со светот и туѓите спомени преку нашата гледна точка. Во прилог, споделувам 6 препораки за филмови кои навистина вреди да се погледнат:

1. Boyhood

Режиjа на: Richard Linklater   Година:2014    Жанр:Драма

Филмов заслужува прво место на листата, бидејќи токму од тука и започнува љубовта кон филмот за мене. “Boyhood” претставува 12 годишна приказна раскажана во 3 саати исполнета со сите секојдневни ситуации низ кои поминува млад човек од детството до факултет. Ги опфаќа сите аспекти од адолесценцијата на еден човек и ги прикажува на начин каде го буди целиот спектар на емоции кај гледачот. Несвесно успева да ги искаже работите кои сите барем еднаш сме ги почувствувале без да можеме да ги искажеме.

2. Before Trilogy (Before Sunrise, Before Sunset, Before Midnight)

Режија на:Richard Linklater    Години: 1995, 2004, 2013     Жанр: Роматика, Драма

Можеби и најубавата љубовна приказна која се појавила некогаш на филмското платно. Започнува со спонтано запознавање во воз во Виена, а завршува со брачен одмор во Грција. На почетокот, нивната приказна ја доживуваме како нереалистична желба, а завршуваме со вистинска слика за љубовта и врските. Филмовите се базираат на долгите разговори за нивните погледи и ставови за љубовта, животот, интересите и среќата. Вистинско ремек дело кое ги става нашите верувања во искушение.

3. Poetry

Режија на:  Lee Chang-dong     Години: 2010     Жанр: Драма

Ова ремек дел во центарот ја става човечката емпатија и самоповредувањето поради истата. Го раскажува животот на возрасна жена која дознава дека боледува од алцхајмер во отприлика истиот период кога дознава и дека нејзиниот внук е една од причините за самоубиство на младо девојче. Својот мир го пронаоѓа во часовите за пишување поезија, а инспирацијата во најголемите стравови и површноста на светот која не сака да ја прифати.

4. Pain and Glory

Режија на: Pedro Almodóvar     Години: 2019     Жанр: Драма

Визуелна поезија која ретроспективно го навраќа животот на режисер преку љубовта, меланхолијата, страста, болката, простувањето и смртта. Успешно ги прикажува мааните на општеството и колку лесно истото влијае врз животот на една индивидуа. Ги спротиставува моќта на зависноста и моќта на љубовта, прикажувајќи од каде доаѓа вистинската инспирација.

5. Arada

Режија на: Mu Tunç     Години: 2018     Жанр: Драма

Млад музичар сака да го напушти Истанбул и да се пресели во Калифорнија за да просперира во својата музичка кариера. Во потрага по картата која ја гледа како излез од агонијата, ги забележува убавините на Истанбул, луѓето и местата. Филмот зборува за потрагата по среќата и притисокот од општеството, бидејќи каде и да се оди, не е возможно да се избега од самите себеси.

Ова се само неколку филмови за душа кои имаат за цел да остават на нас сами да ги интерпретираме и да се изгубиме во истите. Се надевам дека ќе ви се допаднат и дека нешто ќе понесете со вас:)

Напишано од: Матеа Атанасоска

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

© 2019 Copyrights by SpeakOut. All rights reserved.