ГЛОБАЛНИ ПОБЕДНИЦИ

 Декември ќе го паметиме како месец кој беше исполнет со многу предизвици за нас. Додека се подготвувавме со полна пареа пред самото заминување на конференцијата во Мадрид, во меѓувреме добивме можност за вмрежување и засилување на инкубацискиот период во Каиро, Египет. Тоа навистина беше една голема вест која ни разбуди уште поголема желба и мотивација за работа. Останаа уште многу неодговорени прашања  во нас , со оглед на тоа што немавме многу време моравме да ѝ се вратиме на работата. Сето тоа беше пребрзо и неочекувано за нас, поточно во тие моменти ни ние самите не знаевме кај се наоѓаме. По нашите изрази на лицата се гледаше возбудата која без престан само растеше во нас. По враќањето од Мадрид, сето ова продолжи од таму каде што застанавме, со истата волја и желба за работа. 

 Всушност ова беше четири дневна работилница на која присуствуваа 5-те победнички тима од 2018/2019 година на Generation Unlimited, која беше организирана од страна на Unicef и UNDP во соработка за поддршка, вклучување и зајакнување на младите луѓе за решавање на некои од најголемите предизвици со кои се соочува нивната генерација. Баш убаво звучи, зар не?  Но ни малку лесно за нас. Желбата да се претставиме во најдобро светло почнуваше да се меша со стравот, кој во нас само растеше.

Со голема возбуда и нетрпение дојде и 19-ти јануари кога ние полетавме кон Каиро. Оваа работилница ја започнавме со меѓусебно запознавање, а потоа и поединечно презентирање на секој тим со својата идеја. Ние тука за прв пат се запознавме со останатите победници, дознавме како тие дошле до идејата, кои пречки им се појавиле и ред други прашања кои  беа интересни да се слушнат.

Имавме голема чест да се запознавме со Ahmed Huzayyin, од кој научивме како треба еден бизнис правилно да заработува. На самиот крај од денот научивме како нашиот бизнис да го изградиме почнувајќи од HR, маркетинг па се до нашите инвеститори. Со последните сили се довлечкавме до нашите соби и тука заврши нашиот прв ден.

Со многу поголема енергија го започнавме вториот ден. Започнавме од тоа како правилно да согледаме што навистина им треба на нашите корисници и кои се нивните потешкотии со кои се соочуваат. Потоа зборувавме за нашите следни чекори, што сакаме да ги направиме и кои се нашите идни цели. Еден од тимовите, iSpark, решија работилницата да ја направат уште позабавна со тоа што низ игра ни покажаа и не научија дека секој дел од работата е важен за да може еден бизнис да успее.

Првата половина од третиот ден го поминавме во UNDP каде што поголемиот дел од времето зборувавме за маркетинг, а потоа изработивме и акцискиот план. Втората половина од денот го поминавме во Greek Campus, поточно во Falak Startups. Таму се одржаа сесии со ментори кои ги идентификуваа слабите и јаките страни, и нѐ научија како правилно да зборуваме и како да се поставиме со нашите идни инвеститори.

Пред последниот ден од работилницата бевме во посета на Flat6Labs каде што направивме прошетка низ нивните канцеларии. Потоа се вративме на работа, го направивме нашиот бизнис модел, а потоа следеше интерактивна сесија со Startup компании, поточно два дипломирани студенти од програмата Flat6Labs кои веќе започнале со нивниот бизнис. 

 Последниот ден го искористивме за прошетка и посета на знаменитостите на Каиро, а во приквечерните часови тргнавме кон нашето Скопје.

 

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

© 2019 Copyrights by SpeakOut. All rights reserved.