Љубовни проблеми... уфф сите ги имаме!

Општествата постојано се менуваат, но љубовните проблеми се безвременски. Истите се тема на разговор за време на попладневно кафе, вечерни коктели и понекогаш (неудобни) фамилијарни собири. Многу филмови наградени со Оскар кријат маестрално одиграни приказни полни со љубовни дилеми. Иако науката успеала да го истражи  целосното влијание на љубовта врз човековиот мозок, сеуште останува мистерија нејзината моќ над срцето..

Љубовните проблеми започнуваат со запознавањето меѓу идниот пар. Кој ќе го направи првиот чекор? Кој ќе пристапи кому-првата битка што трае неколку дена или месеци. Зависи кога храброста ќе ја надвладее анксиозноста. Почетокот е можеби најсложен за еден пар. Го запознаваме партнерот во поинаква состојба од пријателската.

 

Секогаш постои прашањето: дали можам да му/ѝ верувам или не ? Стравот од споделување нешто интимно е константен. На довербата ѝ е потребно време, но некогаш времето ќе помине а кажаните тајни ќе ги слушнеме во друштво како дел од обичен муабет.

Летните авантури додека трае семејниот одмор може да бидат волшебни кога случајно ќе запознаеме некого. Ги обвинувам ,,Брилијантин” и ,,Порака во шише”за совршените сцени кога вљубените седат во своите прегратки на песочните плажи. По неколку гледања, ние од ,,реалниот свет”  треба да се вратиме дома… сами. Некогаш периодот до преселбата на другиот е подолг,ама врската завршува моментот кога едниот ја преминува границата на друга држава. Врските обично не ја издржуваат далечината. Без разлика колку таа изгледа мала, трудот кој треба да се вложи е поголем.

Дали си луд заљубен или само луд, некогаш е исто. Кога сакаме некого моментите кои нѐ повредиле ги оправдуваме, верувајќи  во зборот инцидент. Меѓутоа тие инциденти се повторуваат и прераснуваат во навики. Во таков вид врски, љубовта бледее и токсичноста ја заменува како исто толку заразно чувство. Почнува како прост љубовен проблем, а подоцна може да предизвика посериозни потешкотии во идни блиски односи.

Како последен совет за овие неизбежни маки е следната реченица. Љубовта е опасна, а сепак достојна за исполнување на илјадници веб-страни.

 

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

© 2019 Copyrights by SpeakOut. All rights reserved.